Албанија отвори уште еден кластер во преговорите со ЕУ

by Fokus

Денеска во Брисел се одржа третата меѓувладина конференција ЕУ-Албанија на која за таа земја беше отворен кластерот 6 за надворешна политика.

Кластерот 6 се состои од преговарачки поглавја 30 (надворешни односи) и 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика).

ЕУ постави и одредници за привремено затворање на тие поглавја, објави Советот на ЕУ.

Делегацијата на ЕУ на Меѓувладината конференција ја предводеа министерот за надворешни работи и трговија Петер Сијарто пред Унгарија, која ќе претседава со Унијата до крајот на годината и албанскиот премиер Еди Рама.

Учествуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Албанија го отвори првиот кластер во преговорите за членство во ЕУ на 15 октомври. Станува збор за кластер 1 – основи.

„Денеска ја одржавме втората Меѓувладина конференција со Албанија за време на унгарското претседателство, со што направивме уште еден конкретен чекор во претпристапниот процес. Овој напредок го одразува нашиот силен фокус на интеграцијата на Западен Балкан, што е од клучно значење за стабилноста и иднината на ЕУ“, рече Сијарто.

Рама во Брисел рече дека амбицијата на Албанија е да отвори повеќе кластери до пролет, а потоа да го заврши отворањето на поглавјата следната година. Тој додаде дека отворањето на кластерот 6 ја мотивира Тирана на нејзиниот пат кон ЕУ.

Во соопштението на Советот на ЕУ се наведува дека во текот на преговорите со Албанија ќе продолжи следењето на напредокот во усогласувањето и примената на правото на ЕУ и релевантните европски стандарди.

Поврзани новости