Албанија има најголем притисок и вмешаност во корупција во Западен Балкан за сите показатели, како што се барање мито, давање, прифатливост на корупција, па дури и заробување на државата од страна на бизнисите, стои во последниот извештај „Мониторинг на системот за корупција 2021″, објавен од Регионална мрежа за антикорупција СЕЛДИ.
– Албанија се чини дека е земја која е најмногу погодена од највисоката административна корупција во регионот, 57 отсто од албанските граѓани кои биле опфатени во анкетата тврдат дека им било побарано поткуп, а 47 отсто признаваат дека го дале. И двете од овие бројки се највисоки во регионот, пренесуваат албанските медиуми.
Србија останува земја со најниско ниво на корупциски притисок во регионот, додека Косово има најниско ниво на реална вклученост во корупциски активности со 20 отсто од граѓаните кои платиле мито барем во неколку случаи во споредба со 23 отсто во Србија.
Според извештајот, директното вклучување во корупциски трансакции е поврзано со распространетоста на специфичните ставови кон корупцијата и коруптивното однесување и со перцепцијата дека корупцијата е широко распространета во општеството.
Друг показател, тој за прифатливоста на корупцијата, го одразува уверувањето на граѓаните дека некои коруптивни практики на јавните службеници се нормални и дека може да се толерираат.
– Во 2021 година, прифаќањето на корупцијата е највисоко во Албанија (40%), Босна и Херцеговина (38%) и Северна Македонија (37%), Косово (25%) и Црна Гора (27%). Сепак, постојаниот пад на прифатливоста во сите земји освен БиХ и Црна Гора од 2016
година, укажува на зголемена отпорност кон корупцијата меѓу граѓаните, се посочува во извештајот.
Дури и заробувањето на државата е доминантно на Западен Балкан, каде Албанија повторно го држи рекордот како земја каде приватните интереси значително влијаат врз процесите на одлучување на државата во нивна полза.
Показателот за притисок за заробување на државата од страна на бизнисите, кој се фокусира на притисокот од монополизација на национално, секторско или институционално ниво, во Албанија е 45 отсто, највисоко во регионот, заедно со Босна и Херцеговина.
Лидерството за развој и интегритет во Југоисточна Европа (SELDI) претставува коалиција на граѓански организации за добро управување и борба против корупција, чија цел е да придонесе кон формирање на динамично граѓанско општество кое е способно да влијае на процесот на носење на одлуки специфично во областите на доброто управување и борбата против корупцијата