Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран

by Fokus

Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран и им нареди на иранските дипломати и на вработените во амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа. Премиерот Еди Рама изјави дека ова е одговор на иранските сајбернапади од јули.

„Владата одлучи моментално да ги раскине дипломатските односи со Исламската Република Иран. Овој екстремен одговор е целосно пропорционален со големината и ризикот на сајбернападот кој се закани да ги парализира јавните услуги, избрише дигиталните системи, хакира државните документи и да предизвика хаос и несигурност во земјата“, изјави Рама.

Засега немаше реакција од иранската амбасада во Тирана.

Двете земји имаат тензични односи од 2014 кога Албанија прими 3.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, која постави камп близу Драч. Албанија претходно кажа дека спречила неколку напади врз групата од страна на ирански агенти.

„Длабинската истрага ни обезбеди неоспорни докази дека сајбернападот врз нашата земја бил организиран и спонзориран од Иран“, кажа Рама.

Поврзани новости