Во Албанија стапија во сила нови олеснителни мерки, со кои по повеќе од два месеци, се отвораат барови, ресторани, кафулиња, музеи, библиотеки.
Министерката за здравство и социјална заштита, Огерта Манастирлиу ја објави новата мапа на дозволено движење и отворање на активностите, со правилата за работа.
Ги повика граѓаните да бидат внимателни, затоа што според неа, враќањето на живот во нормала бара поголема будност и почитување на препораки за да се заштитат себе си и другите од корона вирусот.
„Од денес, распоредот се шири и се отвораат низа активности и услуги за граѓаните, но се бара поголема внимателност, да се почитуваат правилата, да се заштитите себеси и другите од Ковид-19, порача Манастирлиу.
Баровите и рестораните ќе треба да го почитуваат растојанието од два метра од маса до маса, за клиенти, на самиот влез мора да бидат обезбедени средства за дезинфекција а вработените мора да носат маски и ракавици.
Услуга тие ќе може да вршат само на отворениот дел а сеуште не е дозволено да примаат гости и внатре во објектот, во спротивно ќе бидат казнети.
Со новите олеснителни мерки, полицискиот час во така наречените зелени зони целосно се укинува додека во црвените зони, во кои спаѓаат Тирана, Драч, Круја, Скадар и Курбин, тој ќе почнува во 21:00 часот и ќе трае до 5:00 часот наутро. Досега полицискиот час на целата територија на земјата беше од 17:30 до 5:00 часот. Во овие пет зони не се дозволува и понатаму излез и влез со возила.
Од денес се отвораат музеите и археолошки места.
Дозволено е групен, а не индивидуален тренинг на фудбалските клубови и тоа само на отворен простор, според безбедносниот протокол одобрен од Институтот за јавно здравје.
Новите олеснувања се однесуваат и на телевизиите, каде сега се дозволува во студио да престојуваат не повеќе од двајца гости и почитување на физичка дистанца од два метри.
Во сила и понатаму е забраната за јавниот превоз, одржување спортски и културни настани, а затворени и понатаму се копнените и воздушните граници за движење на граѓаните.