„Албанец може да биде претседател на државата, но ако ја добие поддршката од сите етникуми“ вели Пендаровски

by Fokus

Албанец може да биде претседател на државата, но мора да ја има и поддршката од сите етникуми, вели претседателот Стево Пендаровски, во интервју за euronews.albania. Според него, етнички Албанец не може да биде шеф на државата без гласовите на сите етникуми.

– Избран бев благодарение на гласот на сите гласачи од сите етникуми, вклучително и на Македонците кои го сочинуваат најголемиот број во државата, се разбира. Значи тоа се избори на национално ниво. Зошто да не биде Албанец претседател, но мора да има поддршка од македонскиот и другите неалбански етникуми. Етнички Албанец не може да биде претседател на Република Македонија без гласовите на сите етникуми, рекол тој.

На прашањето „како би реагирале граѓаните на Македонија доколку шефот на државата е Албанец“, Пендаровски вели дека работата во политиката денес е транспарентна и граѓаните гледаат сè што се случува.

„Имавме шанса да видиме каков е Али Ахмети како пратеник, каков е Џафери, кај кого нема да има никаква промена од функциите што ги извршуваше. Не се плашиме дека Албанец не би работел за интересите на Македонија, изјави тој и додаде дека од порано приватно се познава со Талат Џафери и дека тој е непристрасен и коректен во работата.

Во однос на неговата 20-годишна, како што вели, целосна посветеност во служба на државата, како најтежок момент ја оценува 2001 година, во која состојбата е надмината „благодарение на балансираната и мудра политика на тогашниот премиер, Бранко Црвенковски и на политичките субјекти-партиите, кои знаеја дека патот на Македонија кон стабилност е само преку тоа што е дел од евроатлантските структури и соживот со Албанците и другите етнички заедници.

– Сета таа голгота од седум-осум месеци ја поминавме во 2001 година. Дојдовме до Охридскиот рамковен договор, кој до денес е камен-темелник на оваа мултиетничка Македонија, која во овие 22 години веќе нема големи безбедносни проблеми и во меѓувреме стана и членка на НАТО и ова е извонреден успех за држава која претходно беше во конфликт, нагласува претседателот.

Според Пендаровски во последните две децении Албанците напредувале.

Поврзани новости