Од здрава жена од мене направија инвалид, ми го уништија животот и ми го зедоа здравјето, а сторителите се уште се шетаат слободно – за ,,Фокус” раскажува Зилхаде Шаинова (59) од Кочани, вдовица, позната во градот како жена која чесно си го заработува лебот и која повеќе од 25 години има своја продавница за прехранбени производи.
Раскажува дека живее сама во зграда во близина на Центарот за социјални работи, а продавницата и била кај Ромското маало. Настанот кој и го променил животот од корен се случил на седми ноември 2020 година, кога околу 22 часот се враќала дома од работа.
-Стигнав пред зградата во која живеам, забележав две лица во кола како седат, ги знам кои се. Како влегов во влезот, други две лица, млади Роми ме фатија, во рака го држев клучот од влезната врата за да си отклучам дома, започнаа да ме удираат по главата, многу силни удари, последно што памтам беше пресилен удар и како еден од напаѓачите вика – Ја отепа жената.
Наредното утро, мојата ќерка дознала дека не сум во продавница, се загрижила и веднаш дошла кај мене дома. Ме нашла без свест внатре во станот, напаѓачите со мојот клуч отклучиле, ме внесиле внатре, ме ограбиле и ме оставиле да умрам, тешко повредена, без свест.
Итна помош, полиција, ќерка ми и зет ми алармирале, со возило на Итната медицинска помош ме пренеле во болница во Штип. По пат сум доживеала клиничка смрт, ни самата не знам како се вратив назад и како денес сум уште жива. Од ударите по глава сум добила внатрешно крварење, минав низ тешка операција и долг период на рехабилитација…
Два месеци не знаев ништо, потоа започна да ми се враќа сеќавањето на настанот. Знам точно кои се лицата кои ме нападнаа, ги кажав нивните имиња во полиција. Тие добро знаеле како јас функционирам, како ми минува денот, кога се враќам од работа. Целиот настан бил добро планиран, двајца да чуваат стража пред зграда, другите двајца да ме ограбат – вели Зилхаде.
Сепак, и покрај тоа што дала изјава, ги именувала лицата за кои тврди дека се напаѓачите, тие се уште биле на слобода. Според она кое и го кажале од полиција и од Обвинителство, од снимки од безбедносните камери не можело со сигурност да се види кои се напаѓачите. Немале доволно докази за да ги идентификуваат сторителите.
-Ми украдоа 1.000 евра, имав на едно место 39.000 денари, три пензии од починатиот сопруг, и тие ги зеле, плус уште 35.000 денари. Телефонот ми го зедоа, рутерот, картичката од банка. Ќерка ми потоа ми кажа дека наводно од полицијата очекувале да ги фатат сторителите кога ќе ја употребат картичката за плаќање, но такво нешто не се случи. Јас сега живеам во пекол. Ги знам кои се напаѓачите, ги сретнувам постојано, на секоја средба и тие ме гледаат со провокација, но останувам немоќна.
Апелирам до сите надлежни институции, до Обвинителството, до полицијата, до Хелсиншкиот комитет за човекови права, до Народниот правобранител, мене итно ми треба помош! Правдата мора да биде задоволена, за да не се повтори никогаш, никому нешто вакво!
Веќе не знам ниту самата каде да одам и да побарам помош, моите напаѓачи се на слобода, јас останав со нарушено здравје, ми тежи неправдата, но и стравувам за својот живот! Има ли институција во земјава која ќе се заинтересира за мојот случај и ќе го реши? – прашува очајната жена.
Апелира до телевизиите во земјава, да испратат свои екипи кај неа, вели дека нема што да крие, сака јавно да раскаже за целиот настан и јавноста и институциите да ги слушнат сите детали.
-Пред камери сакам да раскажам се! Еве ги фотографиите од мене, по операцијата, сите да видат низ што поминав. Во страв живеам, кога си одам дома им ѕвонам на соседите ако забележам некој од напаѓачите во близина, а верувајте, постојано ги сретнувам. Барам помош од државата! Знам дека сите се плашат од тие лица! Дали некој ги штити лицата кои ми го направија ова, дали и институциите се плашат од нив? Како да се истера вистината на виделина и да се дојде до правда?
Има ли институција во земјава која ќе ми излезе во пресрет, има ли надлежни луѓе кои ќе дојдат кај мене, да ја слушнат мојата приказна и да стават крај на агонијата во која живеам? –прашува жената.
За нејзиниот случај, според билтенот на МВР објавен наредниот ден по настанот, наведено е дека на 07.11.2020 во 08.53 часот било пријавено дека на 06.11.2020 околу 22.00 часот во Кочани едно лице физички ја нападнало З.Ш.(58) од Кочани и ѝ одзело чанта со пари и мобилен телефон. З.Ш. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница Штип.
Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Кочани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Случајот, и по речиси две години не е расчистен, и покрај тоа што жртвата тврди дека ги знае со име и презиме напаѓачите кои се шетале слободно.
В.К.