Од почетокот на пандемијата, вакво нешто се нема случено кај нас, само од вчера и завчера имаме огромен раст на бројот на инфицирани со вирусот, станува збор за над 250 лица од Тиквешко, односно Кавадарци и Неготино- за ,,Фокус” раскажува д-р Диме Коцев, директор на кавадаречката болница, во чиј склоп работи Ковид одделот.
Вели дека од вчера повторно во функција е ставена модуларната болница, поради зголемениот број на пациенти на кои им е потребна хоспитализиација, а поголемиот дел од нив биле на кислородна поддршка. И бројот на дневни прегледи значително пораснал, имале над 200 на ден, а работата била отежната поради тоа што и дел од медицинскиот персонал бил инфициран со вирусот и во изолација.
-Јасно ми е дека луѓето се уморни од пандемијата и сакаат да се дружат, имаше многу празници, собирања по дома и надвор, но ги молам сите за трпение и почитување на мерките. Ние даваме се од себе, но нашиот персонал е преоптеретен, целиот здравствен систем е оптоварен, вакви бројки сме немале досега. Ни се разболеа вработени, лекари, сестри, мора да се има разбирање и да се почитуваат мерките за заштита – порачува докторот.
Појаснува дека ковид тестови се прават без чекање, на ден се тестирале и над 200 лица. За добиените резултати, вели дека се поразувачки, бидејќи речиси секој втор тест бил позитивен.
-Според она што се случува, претпоставуваме дека се работи за омикрон. И без оглед на тоа дали омикронот се минува полесно од делта сојот, притисокот врз здравството е огромен, тоа е навала од пациенти. На секој кој ќе побара медицинска услуга таа ќе му биде пружена, но мора да се сфати дека и здравствените работници се луѓе, кои исто така се инфицираат, се преморуваат, едноставно не ќе можат да ја издржат оваа навала од премногу пациенти на дневна база. Не смее да се дозволи пациентите кои страдаат од други заболувања да бидат оставени на чекање, бидејќи не е само ковидот проблем, има многу лица со други здравствени состојби на кои им е потребно лекување. Имаме капацитет од 60 болнички кревети, а поголемиот дел од хоспитализираните се невакцинирани лица. Се случуваат и реинфекции, и од досегашното искуство, ова не е бран, туку цунами од новозаразени! Јасно ни е дека секаде во регионот има раст на заболените, но јавноста мора да сфати дека ова е преголем притисок за здравствените работници, и да се покаже свест. Да се намали со собирите, оти ќе нема кој да ги лекува болните, ако се продолжи со ова темпо на инфицирање. Апелирам за соработка и за трпение, граѓаните да покажат одговорност во овој тежок период – ни изјави д-р Коцев.
Вики Клинчарова