Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски денеска истакна дека интензивно работат за изнаоѓање решение за просторниот проблем на Државниот архив на Република Македонија, откако не запира протекувањето во новиот барокен објект.
-Ситуацијата е многу комплицирана. Проблемот е во тоа што во ниеден од објектите кои фигурираа во јавноста како можни, дури и враќање во старите простории на Архивот не ги имаат идеалните услови, рече Алаѓозовски кој додаде дека дури и старата зграда на Архивот веќе претрпела одредени реконструкции за да служи во интерес на новата установа и се нарушени оние услови кои претходно ги имало.
– Интензивно разговараме за да видиме која од постојните установи би ги задоволила таквите услови, а тие услови се многу сложени. Во таа смисла директорот на Архивот и дел од министрите во Владата теренски, проектно ја разгледуваат постојната инфраструктура како привремено решение, а интензивно се трага да се најде или да се изгради нов објект кој би ги имал сите услови, рече Алаѓозовски одговарајќи на новинарско прашање по прес- конференција на која ја презентираше годишната програма и резултатите од годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2018 година.