Министерството за култура побара од директорот на МНТ, Дејан Пројковски, да поведе дисциплинска постапка против актерот Тони Михајловски.
Ова барање доаѓа откако од Здружението на новинари на Македонија побара Министерството да реагира поради заканите по живот што Михајловски му ги упатил на новинарот Бранко Тричковски преку Фејсбук.
Михајловски на својот профил на Фејсбук напиша: „Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око. Прости ми Боже“.
Потоа напиша: „Не сме се разбрале. Јас не сакам да го гледам низ нишан, ниту, пак, да трошам 2 евра. Со раце, за да се гледаме во очи. Не би ја пропуштил таа фаца при испуштање душа“.
Од Министерството најостро го осудуваат јавно искажаниот говор на омраза од страна на актерот Михајловски и додаваат дека за неговиот последен истап, освен кривична одговорност, постои и дисциплинска одговорност во рамките на установата во која е вработен.
ЗНМ вчера покрај дисциплинска постапка, побара од Основното јавно обвинителство во Скопје кривично да го гони Тони Михајловски, за сторени кривични дела по член 144 и член 386 од Кривичниот законик, против новинарот Тричковски.