Предусловите и правилата за влез во Грција, односно задолжителен документ за Ковид-19, како и пополнет PLF формулар, кои меѓу другото, важат и за државјаните на Северна Македонија, продолжени се за уште една седмица, до следниот петок 24 септември 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Промени нема ни во однос на мерката за лицата кои патуваат со негативен тест, за нив и понатаму е задолжително тестирање при влезот во Грција, а за патување од Северна Македонија отворени се сите гранични премини.
Согласно новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“ што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а во 6 часот утрово стапи во сила, сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“, исто како и во изминатите четири месеци имаат четири опции, во однос на документите што треба да ги приложат и се поврзани со Ковид-19, а МИА детално ги пренесува сите правила за патување кај јужниот сосед.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Во однос на оваа опција се дополнителните мерки, односно задолжителното тестирање при влезот за туристи од 16 земји меѓу кои и Северна Македонија.
Поконкретно, за „сите патници, независно од државјанството и начинот на влез, кои во Грција пристигнуваат од државите: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, кои патуваат со негативен тест, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.
Задолжителното тестирање не важи за патниците кои имаат валиден сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележана болест во изминатите шест месеци.
Третата опција се однесува на оние кои прележале Ковид-19 во изминатите шест месеци и може да достават потврда за прележана болест по лабораториско тестирање со ПЦР или антигенски (брз) тест, а сертификатот се издава 30 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до 180 дена подоцна.
Документот треба да биде од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, да ги содржи податоците од пасошот и повторно, може да биде на неколку јазици, односно на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик.
Европскиот дигитален Ковид сертификат е четвртата алтернативна можност за влез во Грција.
Конкретните обврски за патување важат за лица со наполнети 12 години.
Дополнително, за патување, задолжителен е и електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), кој треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr, по што се добива потврда со QR-код и се смета за неопходен документ за влез во Грција.
Сите посетители на Грција, независно од земјата на потекло, може да бидат подложени на тестирања, а селекцијата се врши согласно здравствениот алгоритам и со помош на кодот од PLF формуларот.
Тестирањето, веќе е задолжително за патниците кои доаѓаат од Северна Македонија, а патуваат со негативен тест.
Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен карантин во соодветен простор укажан од надлежните органи, а во случај да се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.
На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.
Лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи, односно блиските контакти на оние кои се позитивни на Ковид-19, имаат можност да се вратат во нивната земја истиот или следниот ден, под услов да добијат два негативни резултати од два теста (ПЦР или рапид) направени во рок од 24 часа и за време на патувањето да носат N95 маска.
Во случај лицата кои патуваат заедно со потврдените случаи да останат во земјата, а не се вакцинирани или немаат прележано Ковид-19 во изминатите шест месеци, тогаш треба да бидат во 14-дневна изолација по последниот контакт со позитивното лице, без да се тестираат или седум дена карантин и на седмиот ден да направат ПЦР тест.
Доколку блиските контакти се вакцинирани или прележале Ковид-19 во последните шест месеци, тогаш не е потребен карантин, но задолжително се тестираат со ПЦР тест при влезот во земјата.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 до 5.000 евра.
За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот, а од Турција преку Кастањес и Кипи дневно, дозволен е влез на 1.500 лица.
Од Северна Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.
Во одлуката, како што пренесува МИА, посочено е дека туристите, за време на нивниот престој во Грција, мора да ги почитуваат мерките што важат во внатрешноста на земјата. МИА