Хуманитарната акција која ја започна музичарот Мики Тралала од Кавадарци, во чест на неговата сопруга Тања Маџунков, со која настапуваше во дует и имаа бројни заеднички хуманитарни акции во минатото, добива поголема димензија.
Приказната започна кон крајот на месец август, кога Мики на социјалните мрежи објави дека за да го зачува споменот на сопругата, која почина од тешка болест неодамна, решил да донира училишни ранци и прибор на десеттина првачиња од Кавадарци. Но, не негово изненадување, веднаш по објавта голем број на граѓани од целата земја се одзвале и посакале да се вклучат во акцијата, и за кратко време беа собрани стотина ранци кои потоа беа поделени на првачиња не само од Кавадарци, туку и од други градови.
За ,,Фокус” Мики раскажа дека спонтано се наметнала идеја да се продолжи со иницијативата и започнале да пристигаат донации во вид на топла змиска облека и обувки за ученици од социјално загрозени семејства.
-Веќе пристигнаа голем број на донации кои ќе бидат поделени таму каде се најпотребни. Имаме зимска гардероба и обувки, па би ги замолил оние на кои им е потребна ваква помош, да ми се јават на 070 616 400 или да ме контактираат на мојот Фејсбук профил, со цел да ги добијат донациите. Сакам да напоменам дека целата оваа акција, односно иницијатива е во чест на мојата сопруга Тања, која во минатото беше иницијатор на низа на хуманитарни акции и солидарни гестови, за помош на ранливите групи на граѓани.
Одзивот е голем, луѓето ја покажуваат својата солидарност и тоа ми е утеха во овие тешки времиња, вели музичарот.
Исто така, тој откри дека започнал процедура за отворање на Фондација за помош на лица болни од карцином, а на 17-ти јуни, денот кога Тања починала, планирал секоја година да организира хуманитарен концерт со гости од цела естрада, и сите собрани средства ќе оделе на сметките на лицата кои се борат со тешката болест.
Тања Маџунков почина на 33-годишна возраст, само месец и половина откако и бил дијагностициран канцер.
Вики Клинчарова