Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

by Fokus

Во акцијата „Моби Дик“, која ја води Европското јавно обвинителство во Палермо, Милано и Варезе, се извршуваат решенија за притвор против 43 осомничени за мегаданочно затајување од 520 милиони евра.

Над 350 компании се вклучени во една од најголемите измами за даночно затајување и перење пари во Европската унија. Заедно направиле лажни фактури вредни 1,3 милијарди евра во периодот од 2020 година до денес.

Во измамата биле вклучени и членови на организиран криминал од Сицилија и Кампанија, кои обезбедувале приходи со „измами со рингишпил“, кои ги користеле за да го оправдаат профитот стекнат со криминални активности.

Со незаконски дејствија избегнувале да плаќаат даноци, што е можно благодарение на различните начини на пренос на стоки помеѓу различни компании лоцирани во различни земји.

Полковникот Лучини од Ломбардија наведува дека финансиската полиција на Варезе, Милано и Палермо во соработка со државната полиција спроведува огромна операција против злосторничко здружение фокусирано на даночни измами, особено „перење“ на ДДВ.

– Ова е истрага на европското обвинителство, особено на европските делегирани обвинители на Милано и Палермо, во која истражниот судија на судот во Милано издаде мерка притвор за 34 лица, уште десет се во домашен притвор, додека последните четворица добија забрана за работа. Осомничените, во различни овластувања, биле одговорни за злосторничко здружување со цел избегнување плаќање на ДДВ во заедницата при промет на ИТ стоки и перење на добивката поврзана со тоа – рече Лучини.

Судијата донесе решение за превентивно одземање на имот, пари и вредни предмети за над 520 милиони евра. Станува збор за кривично дело во кое 200 лица се под истрага и се вклучени повеќе од 400 фирми, кои се со седиште не само во Италија, туку и во осум земји на Европската унија, каде што истовремено се спроведуваат исто толку мерки од страна на полициските сили на тие земји.

Апсења, претреси и заплени имало и во други земји на Европската унија кои биле погодени од измама, особено во Шпанија, Луксембург, Чешка, Словачка, Хрватска, Бугарија, Кипар, Холандија, но и во земји кои не се членки на ЕУ, како што се Швајцарија и Обединетите Арапски Емирати.

Поврзани новости