Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Мото Асоцијацијата на Македонија на МК мото клубови, Министерството за внатрешни работи и Општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата, во текот на оваа седмица во повеќе градови реализираат кампања под мотото „Носи кацига“. Целта на активностите е да се подигне свеста кај возачите на мотоцикли и мопеди за придобивките од користењето на заштитна опрема и почитувањето на сообраќајните правила и прописи заради поголема безбедност на оваа категорија учесници во сообраќајот.
Превентивно-едукативни активности се реализираа во Кавадарци, Куманово, Скопје, Струмица, Крива Паланка, Велес, Битола, Тетово и др., при што беа поделени едукативно-рекламни материјали, а на мотоциклистите им беше посочувано да носат кацига, да возат одговорно и со почитување на пропишаната брзина, да одржуваат растојание од другите возила, да возат согласно временските услови и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.
Во летниот период вообичаено се зголемува бројот на мотоцикли и мопеди во сообраќајот. Според статистиката возачите на мотоцикли и мопеди повеќе се склони кон сообраќајни незгоди и повреди во истите отколку возачите на останатите видови возила. Тие, заедно со пешаците и велосипедистите, ја сочинуваат најранливата категорија учесници во сообраќајот. Разни извештаи укажуваат дека возачите на мотоцикли и мопеди во голем процент страдаат во сообраќајни незгоди пред сѐ заради нивната директна подложност кон влијанијата од надворешната околина и условите на патот. Највисок процент на сообраќајни незгоди во кои учествуваат мотоцикли и мопеди се забележани во периодот јуни-септември, особено за време на викендите.
Клучни аспекти за безбедност на возачите на мотоцикли и мопеди, како учесници во сообраќајот, се: одговорното однесување, користењето на заштитна опрема (првенствено заштитна кацига), одржувањето на исправноста на мотоциклот/мопедот и почитувањето на сообраќајните правила и прописи.
Во случај на сообраќајна незгода, повредите на главата се водечка причина за смрт кај возачите на мотоцикли.
Токму затоа од огромно значење е носењето на заштитен шлем, односно кацига, како и изборот на соодветна и квалитетна кацига која е тестирана така што обезбедува барем минимален стандард на заштита. Кацигата овозможува и заштита од силната сончева светлина, заштита од инсекти, ветар, прашина, дожд и слично. Важно е да биде со одговарачка големина и да не го попречува видикот на возачот. Се препорачува да се користат кациги кои го покриваат целото лице со цел да се обезбеди заштита на секој дел од главата.
РСБСП апелира возачите на мотоцикли и мопеди да носат заштитна опрема, да возат одговорно и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на својата безбедност и безбедноста на другите учесници во сообраќајот