Активно заразени со корона вирусот се 13.235, а во јули имаше околу 200

by fokus

Болниците во Тетово, во Гостивар, во Струга и во Кичево сè уште се преполни со пациенти со Ковид-19. И вчера таму беа забележани повеќе нови случаи во однос на другите градови. Но и повеќе починати. Од новозаразените 1.082, од Тетово се 87, од Гостивар – 72, Кичево – 57, а во Скопје – 406. Од 27-те починати, шест се од Тетово, пет од Гостивар, три од Кичево. Тројцата починати од Кичево се на возраст 48, 46 и 45 години.

Од вчера почна со работа и пунктот за вакцинација во малата сала во СЦ Борис Трајковски. Граѓаните кои сакаат да се вакцинираат може да го направат тоа без закажан термин. Во останатите поликлиники во Скопје и во сите други пунктови низ државата продолжува да се одвива вакцинацијата и ревакцинацијата на граѓаните.

Заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 695.525 граѓани. Прва доза вакцина завчера примиле 9.123 граѓани, а се вакцинирале 13.303 граѓани.

Досега во земјата се направени вкупно 1.130.975 тестирање на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 172.657, бројката на оздравени пациенти е 153.640, на починати е 5.782, а бројот на активни случаи е 13.235.

За потсетување на првата половина на јули, бројот на активни случаи беше 130, па се движеше околу 200, а денеска, по месец и половина се искачи на 13.235.

Најмногу активни има во Скопје – 4710, следи Тетово со 2021, Гостивар – 1531, Куманово – 847, Струмица – 651, Кичево – 619, Струга – 447. Во другите градови таа бројка е под 400. Најмалку активни има во Дојран, само два.

Поврзани новости