Бројот на активни ковид случаи во државава изнесува 6.658 и бележи пад за околу 4.000 споредено со претходната недела. Повеќе од половина од вкупниот број се во главниот град, 3.391, по што следи Куманово со над 500, додека Демир Капија со три и Дојран со еден се со најмалку активни случаи. За поефикасно справување со пандемијата и во текот на вчерашниот ден беа упатени повици да се забрза темпото за имунизација со стимулативни мерки, граѓаните навреме да одат на лекар и да не се лекуваат на своја рака.
Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) апелираше граѓаните кои се позитивни на Ковид 19, да не прифаќаат лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување.
Апелот уследи откако, како што информираа, до ДЗСИ добиле претставка од здравствен работник, за починато лице инфицирано со Ковид-19, кое по утврдената дијагноза од матичен лекар, по 14 дена од инфекцијата, дошло во Ковид центар, во многу лоша здравствена состојба и починало на само неколку часа по приемот. Блиски родини на починатото лице, дале податок дека сега веќе починатото лице било лекувано седум дена во домашни услови со инфузиона терапија и ги навеле точните називи на лековите кои биле давани, а истите ги посочил во писмен допис и здравствениот работник кој извршил прием на пациентката каде починала.
Податоците од Министерство за здравство покажуваат дека 35 проценти од популацијата во државава примила две дози вакцина, додека според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана барем со една доза.