Надлежните здравствени власти укажуваат дека ковид вирусот моментно има широка инфекција, се следи ситуацијата, а доколку е потребно ќе има нови мерки. Засега, истакнуваат надлежните, нема индикација за промена на наставниот модел со физичко присуство на учениците. Бојот на активни КОВИД случаи изнесува 13.027. Според вчерашниот извештај на Министерството за здравство за претходното деноноќие, од 4.621 тестирање се регистрирани 617 нови случаи на Ковид -19, починаа 32 лица, а оздравеле 450 пациенти.
– Во ковид – центрите низ државата има доволно кревети за хоспитализација на пациенти, престојниот период може да биде зголемена потребата од хоспитализации, што бара сериозен пристап и коориднација која успешно се менаџира. Дополнителни капацитети за лекување пациенти со ковид има и истите може да се стават на располагање во секој момент. Доставата на терапија оди тековно и нема застој, напиша вчера на својот фејсбук профил министерот за здравство, Венко Филипче, кој поради пожарот во модуларната болница во Тетово достави оставка до премиерот.
Министерката за образование Мила Царовска, пак, информираше дека завчера бројот на позитивни ученици во училиштата е 0,01, што, наведе, значи дека се помалку новозаразени во споредба со понеделникот. Досега, изјави вчера таа, немаме индикација дека наставниот модел треба да се менува, но во моментот кога ќе добиеме индикација за промена на моделот ние сме спремни така да постапиме.
– Епидемиолозите следат, Комисијата за заразни болести следи, информациите ги добиваат и тие, како што ги добива МОН, и тие дејствуваат врз основа на општина, регион, училиште. Упатувам на тоа дека во училиште се 240 илјади ученици, а вчера бројот на позитивни ученици во училиште е 0,01, што е навистина многу низок процент. Очекувам дека ќе успееме да се одржиме во ниски проценти, затоа што највисок интерес на учениците е да бидат во училница, нагласи Царовска.