Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК) до вчера до 18 часот на територијата на државата беа активни неколку пожари во скопскиот, струмичкиот, кумановскиот охридскиот, битолскиот и штипскиот регион.
Пожарот што вчера попладне избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин „Богородица“ е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаја да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.
Сообраќајот на ГП „Богородица“ од вчера по 20 часот е отворен за сообраќај, а претходно возилата се пренасочуваа на граничниот премин „Дојран“.
Како што соопшти ЦУК, во пожарот изгорени се 20 хектари сува трева и борова шума.
Пожарот кај месноста Бејаз Тепе во близина на селото Нов Истевник во делчевско-пехчевскиот регион е ставен под контрола во однос на опасноста за опожарување на блиските куќи кај маалото Пасјак. За ова синоќа информираше делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој повеќе од 20 часови беше присутен на терен и ги координираше работите заедно со сите вклучително и Армијата од утрово активно го гаснат пожарот кој избувна вчера напладне и е еден од поголемите пожари кој е забележан на подрачјето на овој регион.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера на прес-конференција рече дека е потребна длабока реформа на целиот систем за управување со кризи. Опремата, вели тој, е застарена во противпожарните единици, делумно во некои места е подновена, но тука, според него, има многу работа.
Тој рече дека прво фокусот треба да е ставен на луѓето, а потоа на материјалните добра.
– Вчера никој не загина, вчера никој не беше повреден. И тоа е нашиот курс. Дрвјата повторно ќе пораснат, дрвјата пак ќе ни се вратат, загубените човечки живот нема да се вратат никогаш, рече Ангелов.
Тој додаде дека нема потреба од прогласување на кризна состојба во одредени делови од земјата, но дека ситуацијата се следи и дека ако има потреба, веднаш ќе биде прогласена кризна состојба.
На температури повисоки од 37 степени, како што рече Ангелов, не е безбедно летањето на хеликоптер. Едноставно, посочи тој, ги загрозуваме животите на посадата. Тој посочи дека не само македонските, и српските хеликоптери кои ќе пристигнат не можат да летаат на овие пеколни температури.
– Во овој момент имаме три хеликоптери од Армијата, но функционални за гаснење на пожар се два. Армиските и полициските хеликоптери можат да летаат ноќно време, но да летаат, а не да гасат пожар. Полициските и армиските хеликоптери не можат да гасат пожар. За гаснење на пожар тие доаѓаат ниско на пожарот. Како со ноќни уреди тие ќе наполнат вода од некој вир, од некое мало браниче, или езерце. Значи, хелихоптерите може да летаат ноќно време, но не можат и не смеат да гаснат пожари, рече Ангелов.
Ангелов информира дека освен од Србија, помош е најавена и од Словенија и Грција.
Вчера Србија испрати четири хеликоптери за гаснење пожари. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со неговиот српски колега Александар Вулин беа на увид на ситуацијата по пожарот во Старо Нагоричане, каде што пожарот е локализиран, но, како што наведе Спасовски, поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од негово повторно ширење.