Во моментов во државата активни се девет пожари од кои најтешкиот е на Осоговските планини кој е на недостапен терен, а нови пожари се регистрирани на териториите на Охрид и Скопје.
Ова во видео порака го потврдува директорот на ЦУК – Стојанче Ангелов.
– За жал дури и денес на Илинден, на територијата на државата беснеат девет пожари на отворено и шумски пожари. Пожарот на Осоговските планини, кој беснее на територијата на Општина Пробиштип, во атарот на селото Зеленград, бидејќи се одвива на исклучително тешко пристапен терен и повеќе денови ни задава главоболка, иако дејствувавме во повеќе наврати во воздухоплови, дејствувавме и од земја, денеска одлучивме да го нападнеме со концентриран број на хеликоптери. Во текот на утрово, но и во текот на остатокот на денот овде ќе делуваме со осум хеликоптери – три македонски (два армиски и еден полициски), еден српски, два унгарски, еден словенечки и еден чешки – рече Ангелов.
Тој наведе дека пожар има и во општина Македонски Брод, во атарот на селата Тажево и Брезница, кон Јасен, кој се одвива неколку дена на тешко пристапен терен.
– Овде утрово го испративме да дејствува полицискиот хеликоптер МИ 171, но и тимот од Унгарија кој пристигна како помош од странство со ЕУ механизмот, составен од 46 искусни пожарникари, од кои некои користат специјални теренски возила со кои можат да се пробијат на најтешко пристапните места. Исто така, од земја гасат и 50 припадници на Армијата со поддршка на 20 локални пожарникари и месно населениe – вели Ангелов.
Според него, тешко оди гасењето и на пожарот на Илинска Планина, каде утрово интервенираат три ер трактори, а се дејствува и од земја.