До 16 часот се уште активни се осум пожари, а останатите се делумно локализирани, информира помошникот раководител на Центарот за управување со кризи Марија Милкова.
-Пожарот во Делчевскиот регион во село Разловци и село Нов Истевник е ставен под контрола, а има мало чадење во местото викано Грбовец, но пожарот е под контрола. На терен се екипи од пожарната, странската помош, МВР и Армијата. Пожарот во Пехчево во село Будинарци се уште е активен. Имаше моменти кога се надевавме дека пожарот е локализиран, но се појавија нови жаришта. На терен се припадници од Армијата, МВР, ШС Малеш, ШС од Струмица, противпожарни бригади од Скопје, Кавадарци и Штип, вработени од ДЗС, ЕВН, месно население, меѓународни тимови од Словенија и Австрија и други субјекти кои се справуваат со огнената стихија – рече Милкова.
Таа посочи дека авионот на Романското воено воздухопловство во два налети дејствуваше на пожарот во Општина Прилеп кај селата Топлица, Ракле и Никодин, што е делумно локализиран, но на одредени места се уште има чадење.