Авионите испуштија вода и огноотпорна прашина на стрмните ридови за да го спречат ширењето кон исток на шумскиот пожар Палисејдс во Лос Анџелес, додека гаснењето на пожарот на теренот се интензивираше поради предупредувањата за налет на ветер до 110 км на час што може да ги влоши работите.
Во текот на изминатите 24 часа, пожарот Палисејдс се прошири на дополнителни 400 хектари и проголта повеќе домови, објавија властите. Во шесте истовремени пожари што ги зафатија населбите на округот Лос Анџелес од вторникот, досега загинаа најмалку 16 лица.
Пожарите оштетија или уништија 12.000 објекти, соопштија претставници на пожарникарите. Се проценува дека најмалку 13 лица се водат како исчезнати. Бројот на жртвите се очекува да се зголеми кога пожарникарите ќе успеат да извршат претрес од куќа до куќа.
Наредбите за евакуација низ областа на Лос Анџелес сега опфаќаат 153.000 жители, а загрозени се 57.000 објекти. Уште 166.000 жители се предупредени дека можеби ќе треба да се евакуираат.
Покрај оние кои ги загубија своите домови, десетици илјади останаа без струја, а милиони луѓе се изложени на полош квалитет на воздухот, бидејќи пожарите оставија траги од метали, пластика и други синтетички материјали.
Многу жители на Алтадена рекоа дека се загрижени оти владините ресурси ќе одат во побогатите области и дека осигурителните компании би можеле да им го ускратат обештетувањето на оние што не можат да си дозволат да го оспорат негирањето на барањата за пожари.
Приватниот временски прогнозер „Акуведер“ ја процени штетата и економската загуба на 135 до 150 милијарди долари, што навестува тешко закрепнување и зголемени трошоци за осигурување на сопствениците на куќи.
Претседателот Џо Бајден ги прогласи пожарите за голема катастрофа и рече дека владата на САД ќе надомести 100% од закрепнувањето во следните шест месеци.