Вкупно 28 пожари на отворено го одбележаа изминатиот ден. Најсериозно е во Старо Нагоричане, Кратово, Македонски Брод и Свети Николе. На помош се очекуваат уште шест хеликоптери и четири ер трактори кои се дел од Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија. Во меѓувреме, власта вели дека добро се справува со пожарите, додека, опозицијата обвинува за колапс. Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, ја оценува ситуацијата како сериозна и апелира граѓаните да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири.
Во текот на вчерашниот ден, според информациите од директорот на Цук, Ангелов, имало 28 пожари на отворено.
-Бројот значително падна, тој е преполовен. Во овој момент десет од нив се активни. Тоа значи дека 18 изгаснавме, односно неколку од нив се ставени под целосна контрола. Состојбата е сериозна бидејќи од овие десет околу половина горат во високи квалитетна шума, а најмалку два зафаќа борова шума, изјави Ангелов во вчерашното гостување на Сител телевизија.
Во врска со активираниот механизам за цивилна заштита на ЕУ, Ангелов информираше дека денеска, евентуално утре, ќе имаме шест хеликоптери и четири ер трактори. Два хеликоптери од Србија, два од Унгарија, еден од Словенија и еден од Чешка, и четири ер трактори, два од Германија и два од Шведска.