Се уште се активни пожарите кај Буковиќ, Раовиќ во Општина Сарај, кај селото Горно Мелничани во Центар Жупа, во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Пожарот кај Буковиќ, Раовиќ во Општина Сарај е се уште активен каде гори мешана шума. Во текот на вчерашниот ден, била извршена комплетна претрага и догасување на постоечките жаришта, а како поддршка се приклучи и црногорскиот хеликоптер. Но, и покрај 17-те тона вода кои вчера беа фрлени врз овој пожар, не тој не згасна целосно.
Пожарот помеѓу селата Барово и Вешје во Општина Демир Капија, каде гори нискостеблеста мешана шума, е повторно активен и во текот на вчерашниот ден бил ставен под контрола. Утрово од 5 часот на терен интервенираат пожарникари од Територијалната противпожарна единица од Неготино, ШС Демир Капија, како и група од месното население.
Состојбата со пожарот кај селото Горно Мелничани е се уште непроменета, односно пожарот е се уште активен. Во гаснењето на пожарот во атарот на селото Горно Мелничани во Општина Центар Жупа, како што јави МИА, од утрово вклучени се два хелкоптера, по барање на градоначалникот Аријан Ибраим, поради ширењето на пожарот кој до сега има опожарено над 15 хектари високостеблеста букова шума.
Повторно е активен и пожарот во атарите на селата Ракле, Никодин и Топлица во Општина Прилеп. Гори кракот од село Ракле спрема село Крстец, а рано утрово на терен се испратени едно противпожарно возило и четири пожарникари, како и пет вработени од ШС Црн бор од Прилеп. Пожарот е на тешко пристапен терен.
Ставени се веќе под контрола пожарите помеѓу селото Црвена вода и Планинарскиот дом Китка во Општина Студеничани, и пожарот на планината Кожув кај местото викано Круша, Гевгелиско.