Активни пожари во кумановскиот и прилепскиот регион

by Fokus

Како што информира помошник раководителка на секторот за операции и координација при ЦУК, Марија Милкова, согласно состојбата со пожарите до 16 часот, пожарот во пехчевско беровскиот регион е ставен под контрола. На терен се екипи припадници на АРМ, ТПЕ, ДЗС и други  субјекти, но и месното население  кои се на лице место, за да не дојде до негово повторно разгорување и ќе останат и во текот на ноќта. 

Таа додаде дека кракот од истиот пожар во селото Разловци во делчевскот регон е ставен целосно под контрола. Меѓутоа и на ова место уште се присутни екипите на ТПЕ, месно население и на Армијата кои исто така ќе останат и ќе ја следат состојбата се до утрешниот ден. 

Пожарот во Сарај, кај селата Раовиќ и Буковиќ е се уште активен и во текот на денешниот ден, во повеќе наврати дејствуваше авионот на романското воено воздухопловство. Во 14.45 минути истиот пожар е проширен кон сртот на ловиштето Јасен. 

Милкова посочи дека на терен се припадници на Армијата, ДЗС, противпожарни бригади, месно население од Сарај и во моментов се уште се на терен и се борат со пламените јазици, за да го локализираат овој прожар до крајот на денот. 

Активен е пожарот во Петровец село Дивље м.в. Крушје, но со намален интензитет. И таму се уште на терен се претставници од АРМ, ППБ  од Град Скопје, ШС Караџица и месно население. 

Пожарот во Прилеп, Топлица е активен кон селото Крстец. На терен се претставниците од ШС Црн бор од Прилеп и претставници на ДЗС. 

Активен е пожарот и во Агино село, кој избувна околу 12.30 часот. Како што информира Милкова, таму гореше сува трева и стрништето. На терен се преставници од Противпожарната Бригада од Куманово, претставници од бригадата на Град Скопје, месното население.

Од 15 часот повторно е активен и пожарот кај Македонски Брод, кај селото Слатина. На терен се претставници од ТППЕ Македонски Брод, од МВР, месно население. Патниот правец Македонски Брод кон Самоков во моментов е во прекин.

Пожар со помал интензитет има и во прилепскиот регион кај селото Средорек, меѓутоа како што рече Милкова, тој се држи под контрола и се надеваат дека за кратко време истиот ќе биде локализиран.

Поврзани новости