Актерот Висар Вишка кој ги предводеше и денешните протести за правда за Алмир, го обвини републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески дека лажел пред Собранието дека преквалификацијата на делото од „убиство“ во „сообрќајка со смртни последици“ го потпишал неговиот претходник Марко Зврлевски.
Тој на денешниот протест пред седиштето на обвинителството побара Јовевски да го објави документот, кој според него постои, за да се види дали навистина Зврлевски го потпишал преквалификувањето на предметот.
-Да му пресудиме на судството! На криминалците во тоги! Доста Е! Никакви реформи! И Јовевски, човек на СДСМ и ДУИ го убива Алмир по втор пат!, напиша Вишка во повикот за протест објавен на фејсбук.
Неодамна, на пратенички прашања во Сообранието, републичкиот јавен обвинител доби прашање дали е точно дека донел одлука за преквалификација на кривичното дел за случајот во кој почина малиот Алмир, односно дали наместо за кривичното дело „убиство“ обвинетиот ќе се гони за „несреќен случај со смртни последици“.
-Предметот се наоѓа во постапка пред Основниот суд. Инаку, пред да пред да бидам именуван за републички јавен обвинител, во Вишото јавно обвинителство е направена преквалификација на делото, но сепак сега случајот повторно е во постапка, односно почна од почеток, и ќе се постапи согласно закон, рече Јовески.
Сепак, Јовески воопшто во неговиот одговор не го спомена Зврлевски, туку се повика на Вишото јавно обввинителство.
Адвокатот Стеван Павлески, кој го застапува обвинетиот тогаш за „Фокус“ појасни дека досега во постапката не е направена преквалификација на делото, односно обвинетиот сѐ уште се терети за „убиство“, но како што посочува се очекува јавниот обвинител преквалификацијата да ја направи кога ќе го дава завршниот збор.
Имено, по хиерархија, јавниот обвинител би требало да ја почитува одлуката на Вишото јавно обвинителство, односно обвинетиот да се гони за „несреќен случај со смртни последици“, наместо како досега за „убиство“.