667
Викендов се одржува традиционалната културна манифестација Карпошово лето 2018, во организација на истоимената оштина. Актерот Оливер Митковски не е воопшто задоволен од целокупната организација и местото каде што се одржува овој настан.
Тој во разговор за „Фокус“, порача дека апелирал, овој настан да се одржи во салата „Борис Трајковски“, затоа што според него, постои нарушување на јавниот ред и мир. Како што порача Митковски, изборот на изведувачи е очигледно партиски селектиран.
„11 години секое лето се р’вав со луѓе од кабинетот на поранешниот градоначалник поради изборот на локација за одржување на манифестацијата. ТЦ Лептокарија според мене не е најсреќен избор поради тоа што е густо населена станбена локација со луѓе од најмала до најстара возраст. Времетраењето и децибелажата го разбирам како тормозење и нарушување на јавниот ред и мир од страна на властите а притоа граѓаните немаат право на избор. Мој предлог беше да се одржува кај салата „Борис Трајковски“ но евидентно на секоја гарнитура и се поважни политичките поени во меѓусебниот двобој со опонентите отколку вистинската грижа за граѓаните“, вели Митковски.
Според него, изборот на изведувачи за оваа манифестација е политички мотивиран, а остро го осуди, како што ни откри, отстранувањето од сцена на основач и член на неколку македонски групи, Дени Крстев.
„Изборот на изведувачи не е скандалозен, но секако е во некоја мера политички мотивиран и невкусен. Наместо проверено ислужени музичари, само во општина Карпош орбитираат безброј талентирани, млади и прогресивни бендови. Не и помалку важно е тоа што вчера беше отстранет од манифестацијата Дени Крстев кој во случајов работеше како тонец за прилично мал хонорар и тоа по директива или барање на Дарио кој наместо во своите стари матрици и лошото озвучување, грешката ја побара кај овој исклучително млад и талентиран музички творец. За потсетување, Дени е основач или член на сите овие бендови: “Фонија”, “Хахаха”, “Новиот почеток”, “Бернајс пропаганда”, “Мај теар” и “21ви век”. Самиот факт што овој млад уметник се наоѓа позади пултот а Дарио на сцена, јасно кажува за изместените вредности во Македонија, а за фактот што е згора на се и отстранет поради него…“, заврши Митковски.
Јорданчо Цветаноски