Актерот Зоран Љутков (43) е избран за претседател на Совет на Општина Велес, откако за него гласале десет членови на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од Левица и еден од ДУИ.
Неговиот противкандидат предложен од СДСМ и коалицијата добил само осум гласа.
-Ќе работиме чесно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Очекувам од советниците, во наредните четири години, одлуките да ги носиме со 23 гласа ,,За”, порача Љутков.
Кога пред изборите името на актерот се најде како носител на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Велес, тој за ,,Фокус” раскажа дека по сите скандали во здравството, образованието, лошата економска политика и немањето стратегија за развој, се чувствувал небезбедно во својата земја.
-Како претседател на комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ и со членовите на комисијата направивме програма и визија која е лесно спроведлива, програма во која се цени и верификува квалитетот на уметникот, како на централно, така и на локално ниво. Затоа и прифатив да бидам носител на листа на советници. Нема да зборуваме што, туку ќе покажеме како се прави тоа-ни изјави Љутков пред повеќе од еден месец.
Долги години наназад тој е дел од актерската сцена во земјава и зад себе има низа на одиграни улоги, но и голем број на награди.
Вики Клинчарова