Тони Михајловски, Петар Георгиевски – Камиказа, Роберт Велјановски и Зоран Љутков се актерите кои влегоа во трка за јавни функции на претстојните избори. И додека во јавноста се поставува прашањето дали лица кои биле дел од културно-уметничкиот живот во земјава, ќе имаат капацитет да се снајдат и во политиката, кандидатите за градоначалници и советници од светот на глумата уверуваат дека достоинствено ќе ги бранат интересите на народот и ќе придонесат за подобар живот.
Актерот Зоран Љутков (43) кој е носител на листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ за општина Велес, за ,,Фокус” вели дека по сите скандали на секое поле во земјава, се чувствувал несигурно, па затоа и решил да придонесе, односно да покаже како се оди напред, со изготвена програма која била лесно спроведлива.
-Скандалите за здравството,образованието,лошата економска политика,немањето еколошка свест ме принудија да се чувствувам небезбедно и несигурно во сопствената земја. Лошата состојба во културата, немањето национална стратегија за развој, погрешните политики, апатија и тенденцијата за слободен пад.
Културата е ставена на последно место во општеството. Загрижен сум и за својата професија. Не гледам ни овде дека некој мисли на нас. Оставени сме сами на себе.
Како претседател на комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ и со членовите на комисијата направивме програма и визија која е лесно спроведлива, програма во која се цени и верификува квалитетот на уметникот, како на централно, така и на локално ниво. Затоа и прифатив да бидам носител на листа на советници. Нема да зборуваме ШТО, туку ќе покажеме КАКО се прави тоа! Почнуваме од Велес!- порача Љутков.
Тој е познат во јавноста по низата на одиграни театарски, но и филмски улоги. Зад себе има учества на меѓународни театарски фестивали, работилници и филмски и ТВ проекти, како и добитник е на награди од областа на актерството.
Минатиот месец ја доби наградата за најдобра машка улога на 18-то по ред издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, за улогата на Силен во сатирска игра во режија на Деан Дамјановски во претставата „Орестија”.
Вики Клинчарова