Актерот Лечиќ седум часа бил на разговор во полиција по обвинувањата за силување на колешка

by fokus

Актерот Бранислав Лечиќ, по седумчасовниот информативен разговор во полицијата синоќа во врска со обвинувањата на неговата колешка Даниела Штајнфелд дека ја силувал, за Танјуг изјави дека бил на полиграфско тестирање и дека е задоволен од професионалниот пристап што го покажале службениците и заменик-јавниот обвинител.

„Мојата изјава беше дадена таму каде што треба да биде. Полиграфското испитување е извршено на мое експлицитно барање, а сите информации за кои јавноста е заинтересирана во врска со овој случај може да се најдат на тие адреси – полицијата и обвинителството“, рече Лечиќ, кој ги повика сите медиуми повеќе да не го контактираат на оваа тема, бидејќи немало да дава изјави.

„Само за моите сопартијци кои останаа со мене и за сите оние луѓе што останаа со мене затоа што знаат дека Лечиќ може само да лекува и во никој случај не може да труе и силува. Знајте дека давав изјава седум и пол часа, дека сè одеше професионално и дека го поминав полиграфот“, рече Лечиќ во кратката видео – порака што ја објави на својот фејсбук – профил.

Претходно, портпаролот на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ивана Ракошевиќ, за Танјуг изјави дека Лечиќ дал изјава во полиција во својство на граѓанин, во која тој целосно ги негирал наводите на Даниела Штајнфелд, а Вишото јавно обвинителство продолжува да собира докази.

Штајнфелд го обвини актерот дека ја силувал во 2012 година. Пред неколку дена таа за ова ја информира и јавноста во Србија откако претходно снимила и филм во САД. Во прилог на своето тврдење, таа објави и аудио-разговор со Лечиќ од 2016 година, кој е доставен и до Обвинителството.

Поврзани новости