Актерката Стојановска сѐ уште не дала исказ за кокаинот, обвинителството чека докази од Шпанија

by fokus

Актерката Силвија Стојановска веќе трет месец е во куќен притвор, бидејќи на 19 декември беше уапсена поради сомнеж за вмешаност на шверц на дрога, односно обвинителството ја сомничи дека била дел од криминална група која беше фатена со кокаин вреден 20 милиони евра.

Стојановска поднела жалба до Апелациониот суд за укинување на мерката притвор, а од Обвинителството за „Фокус“ посочуваат дека тие бараат мерката и понатаму да опстои.

-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција останува на првичниот предлог на осомничената за која покажувате интерес да и биде продолжена мерката куќен притвор, ни одговорија од Обвинителството.

Осомничената актерка сѐ уште не била повикана ниту во Обвинителството за да даде исказ, бидејќи обвинителството чека да му бидат испратени докази од Шпанија.

-Надлежниот обвинител преку меѓународна правна помош во кривична материја очекува докази од обвинителството од Шпанија, по што ќе оцени кога ќе ја повика осомничената да даде исказ. Воедно по завршувањето на истрагата, согласно закон осомничените  имаат право во рок од 15 дена да извршат увид во доказите и да предложат свои докази, велат од Обвинителството за „Фокус“.

Кога Стојановска беше уапсена тогашниот министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на прес конференција, откри детали за меѓународната акција „Колибри“, а во која освен актерката беше уапсен и нејзиниот сопруг, Воислав Будисављевиќ. Во Мадрид беше приведен и братот на Будисаљевиќ, заедно со уште двајца шпански државјани, сите осомничени за шверц на 700 килограми кокаин.

Според МВР, постои сомнеж дека актерката Стојановска била помагач на криминалната група која дистрибуирала кокаин во земјите од западна Европа.

-На 18 декември 2019 година во рамки на меѓународна полициска операција, е споведена полициска акција заедно со Шпанија и Колумбија, за лишување на лица, членови на меѓународна организирана криминална група, што организирала транспорт на 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Европа. При продажба на големо кокаинот би достигнал цена од 20 милиони евра, рече Спасовски.

Дрогата беше заплената во Мадрид на 18 декември годинава.

-Лидер на оваа група е лицето В.Б. кој имал впишана забрана за патување во земјите на ЕУ, кој го ангажирал неговито брат В.Б. со кој ги договарале чекорите за дистрибуција на кокаинот. Пријавената С.С. по инструкции на својот сопруг В.Б. резервирала хотел во Мадрид и го платила од своја кредитна картичка, па отпатувала преку Софија во Мадрид, за во име на нејзиниот сопруг, еден шпански државјанин да подигне десет илјади евра, најверојатно поврзани со шверцот на кокаинот- рече Спасовски.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости