Во Апелациониот суд денеска се одржува јавна седница по поднесената жалба на пресудата за актерката Силвија Стојановска со која таа е осудена на три ипол години затвор поради кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства, односно учество во шверц на 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Шпанија.
Одбраната бара Апелациониот суд да ја укине првостепената пресуда и предметот да го врати на повторно судење или целосно да ја ослободи Стојановска.
Според одбраната, пресудата е конфузна и од нејзиното образложение не може да се препознае кои решителни факти од кои докази ги утврдува судот.
Понатаму, одбраната во жалбата тврди дека фактичката состојба е сосема погрешно утврдена, особено што не се земени предвид доказите од постапката во Шпанија, каде истражниот судија утврдил дека кокаинот бил транспортиран во државата преку тајни агенти и со знаење на шпанската полиција со цел да се фатат купувачите.
Според одбраната, во шпанскиот предмет никаде не се споменуваат Стојановска и Воислав Будисављевиќ дека било како им помагаат на членовите на групата уапсена во Шпанија, меѓу кои е и братот на Воислав.
Одбрана ја обжали пресудата по четири основи, меѓу кои и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка, погрешна утврдена фактичка состојба и повреда на кривичниот законик.
Жалба поднесе и првоовинетиот Воислав Будисављевиќ, кој е првостепено осуден на седум години затвор.
Обвинителството пак поднесе жалба со која бара повисока казна, бидејќи сегашната казна на Стојановска е под законскиот минимум за ова дело, а Будисављевиќ и претходно бил осудуван за истото дело.
Катерина Смилева Божиновска