На 72 години почина актерката Катина Иванова, која над четири децении беше дел од Македонскиот народен театар и зад себе остави низа на одиграни театарски улоги, како и филмски улоги во десеттина филмови.
Но, она по кое ќе биде запамтена не е само актерството, туку и нејзината борба за подигање на јавната свест за дислексијата.
Дислексијата не е болест, туку е состојба кога лицата се соочуваат со тешкотии при читање и пишување. Катина беше помеѓу првите јавни личности во земјава кога пред повеќе години започна јавно да зборува за своите предизвици како дислексичар.
На повеќе панел дискусии таа отворено зборуваше за својата состојба, со цел да ја подигне јавната свест за состојбата, да појасни дека секое лице со дислексија има огромни потенцијали во животот и може да биде успешна личност, да се најде вистински пристап кон дислексичарите, како од страна на родителите, така и од наставниот кадар.
-Најголемиот кошмар за мене беше кога наставничката по Македонски јазик ќе ми кажеше да ја прочитам писмената задача на глас. Денес, иако сум актер, се уште имам проблем кога треба да читам прима виста – обелодени актерката пред повеќе години.
Таа се бореше за совладување на бариерите, но и за поголема информираност на населението на темава.
Во светот, познати личности со дислексија се Орландо Блум, Кира Најтли, Шер, Џејми Оливер и многу други.
За борбата со дислексијата пред неколку години јавно прозборе и велешкиот градоначалник Марко Колев, кој во интервју за ,,Фокус” детално зборуваше за своите искуства и предизвици со кои морал да се соочи уште како дете, а потоа и како студент, но и за силната желба и покрај дислексијата еден ден да стане успешен и реализиран човек.
Во Македонија од 2013 година функционира Здружение за дислексија Ајнштајн, кое нуди поддршка на лицата со дислексија, како и на нивните родители.
Вики Клинчарова