Актерката Дарја Ризова: После „Електра“ имав кошмари, го молев Жолдак да ме пушти кај мајка ми!

by Fokus

Во нејзината досегашна кариера, актерката Дарја Ризова се појавила само во две филмски споредни улоги, а повеќе е застапена во театарот. Во интервју за „Фокус“, таа вели дека не се оптеретува со тоа воопшто.

„Задоволна сум со тоа каде сум сега. Двата медиуми се различни но по многу нешта и слични. Мојот темперамент има потреба од еден побрз ритам и континуитет во случувањата при процес на работа. Тоа е една од причините зошто сум вљубена во театарот. Го сакам секако и филмот, особено кога го гледам како готов продукт но не сум оптеретена со притисок кога, дали и како ќе се случи“, смета Ризова.

Тешко е да се одбере омилена театарска претстава во која таа играла, но една претстава ја променила целосно како човек.

„Жолдак ми направи тотална револуција. Тој е монструозен ѕвер и најголем ангел од човек. Беше тешко со него, но резултатот кој го постигна заедно со нас ни даде исклучително голема сатисфакција. Имав кошмари за време на самиот процес. Го молев Жолдак да ме пушти да ја видам мајка ми кога имавме слободен ден. Ми требаа неколку месеци да сфатам што направивме со Електра. После таа претстава бев како издишен балон. Тоа беше емотивно исцрпувачко доживување“, ја продолжува својата приказна нашата соговорничка.

Таа е самокритична актерка и тешко и е да си даде оценка за себе колку е добра во нејзината професија.

„Се трудам да останам самокритична и да ја задржам професионалноста во секој нареден проект. Доаѓам речиси три часа пред претстава, потребно ми е време за психичка подготовка, немам никакви посебни ритуали освен проверка на реквизитите, повторување на текстот и по правило избегнувам храна неколку часа пред изведбата. Самокритиката и професионалноста би требало да се доволни за одржување или подобрување во актерска смисла“, смета Ризова.

Таа вели дека не ја интересира лицемерието во театарската уметност, нешто што е присутно и таму.

„Тоа се работи кои ја надминуваат мојата сфера на интерес и домет. Работи врз кои не можам да влијаам и интервенирам па затоа едноставно не се ни бавам со нив“, додава таа.

Ризова има одиграно над 30 премиери а еве што мисли за односот на публиката кон театарот.

„Се разбира дека во публиката секогаш има подобри познавачи на театарскиот кодекс, публика со потреба за театар кој бара едно повисоко ниво на комуникација и публика која поретко го посетува театарот а има и такви кои по игра на случајот се нашле во партерот. Работата е во тоа што никогаш не смеете да ја потцените публиката. Секој човек има моќ да препознае искрени, вистински нешта, без разлика дали на интелектуално, интуитивно, емоционално или друго ниво.Ние сме тие кои треба да и даваат здрава храна на публиката. Театарот е тој кој нуди нови работи, здрави теми и здрав материјал“, објаснува Ризова.

Во однос на квалитетот на македонските актери, нашата актерка даде само пофални зборови за сите нејзини колеги.

„Во Македонија имаме многу добри актери и навистина е штета што нема повеќе копродукции со останатите земји. Тоа е вистинска можност за ширење на актерските хоризонти. Инаку, ретките фестивалски искуства покажуваат дека нашите актери поседуваат одлични и специфични актерски способности со свој авторски печат“, анализира таа.

Што се однесува до преселување од Македонија и работење во некоја европска земја, таа ќе каже:

„Јас го сакам Скопје и мојата земја. Убаво ми е тука, тука е моето семејство и моите пријатели. Јас сум среќна тука и никогаш не сум се гледала надвор од Македонија, сега за сега“, искрена е Ризова.

Од многу гостувања надвор од Македонија, на оваа актерка во главата и е врежано гостувањето во Непал.

„Непал е сиромашна земја. Огромен дел од населението е на работ на егзистенција. Статистиките велат дека дури и просечниот животен век е на едно од најниските нивоа од сите земји на светот. Логиката на нештата во принцип вели дека во такви околности човек не би имал воопшто ни интерес за театар но факт е дека таму наидовме на неверојатно голем интерес и на исклучително топол прием“, со воодушевување продолжи таа.

Нејзиното слободно време таа често го користи во гледање на театарски претстави, но наоѓа време и за други активности.

„Излегувам по кафулиња и ноќни клубови низ Скопје, сакам да се дружам со пријателите. Ова лето планирам да започнам да одам на пливање, а сакам да одам и на одмор“, ја заврши својата приказна нашата актерка.

Театарските активности во театрите ова лето мируваат, освен кога станува збор за настап на некои фестивали, а од септември почнува новата сезона во МНТ, која сигурно ќе донесе нови возбудувања кај актерите и публиката.

Фото – МНТ

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости