Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМС) ја акредитира студиската програма по аглиски јазик на прв и втор циклус интегрирани студии. Решението за почеток на програмата е добиено од Министерството за образование и наука. Се очекува уписот на студенти за школската 2020/2021 година да почне од септември.
– Додипломските студии на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се дефинирани како интегрирани петиполгодишни студии по ветеринарна медицина од прв и втор циклус на студии. Целта на додипломските студии по ветеринарна медицина е формирање на високообразвната квалификација на “доктор по ветеринарна медицина”, која покрај грижата за здравјето на животните, има значителна улога и во јавното здравство и тоа преку обезбедување здрава и квалитетна храна од анимално и растително потекло. Со оваа акредитација од следната година очекуваме студенти на нашиот Факултет да се запишуваат од регионот и од Европа, вели деканот на Факултетот, проф. д-р Лазо Пендовски.
Наставниот план е дизајниран во насока која овозможува по завршување на академските студии на ФВМС, дипломираниот доктор по ветеринарна медицина да добие компетенции за лекување на животните; решавање на проблематиката на ветеринарното јавно здравство; учество во заштита на човековата околина; изведување на теренска, клиничка и лабораториска дијагностика; превентивно сузбивање на заразните болести и зоонозите; проектирање и учествување во изработка на програми за развивање и унапредување на дејноста на сточарското производство и производството на прозиводи од животинско потекло и животински прозиводи и развивање на сите облици на заштита на животите и животната средина, негување на етиката и хуманиот однос кон животните.
Студиската програма на Факултетот за ветеринарна медицина е во траење од 5,5 години. Се работи за интегрирани студии со 330 кредити, со што се стекнувате со диплома за Доктор по ветеринарна медицина (еквивалент на магистер). Професијата доктор по ветеринарна медицина како во нашата држава така и во Европската Унија е вброена во т.н. регулирани професии (што значи дека таквите професии се од посебен јавен интерес), поради што со посебна директива е одредено времетраењето на студиите (најмалку 5 години), предметите кои треба да се слушаат, како и тоа дека мораат да бидат организирани како интегрирани студии (прв и втор циклус). По завршувањето на факултетот за добивање на лиценца за работа ветеринарите се обврзани на 6 месечен стаж под менторство на ветеринар – практичар, по кој се поднесува барање за лиценца за работа. Лиценцата за работа ја издава Ветеринарната комора и е со важност од 5 години а докторите по ветеринарна медицина се стекнуваат со можноста за отворање на приватна пракса односно амбуланти за животни.
Информациите за начинот на студирање, за обемот и организацијата на студиските програми како и за наставните содржини за студиите од интегрираниот цилкус може да се погледнат на https://fvm.ukim.edu.mk/accredited-study-program-in-english-for-first-and-second-cycle-studies-of-veterinary-medicine/.