Министерот за економија Крешник Бектеши заедно со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и со Виктор Андонов, советник за енергетика на премиерот, во текот на утрешниот ден ќе остварат состанок со една од компаниите за набавка на природен гас која што како контакт до Владата ја даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
И Бектеши, како што рече, ќе учествува на средбата која нема да се одржи во Скопје, туку ќе биде надвор од земјава, а јавноста детално ќе биде информирана за разговорите и понудата.
Состанок со другата компанија, за набавка на поевтин мазут, што исто така ја посочи Мицкоски, се очекува до крајот на неделата, најверојатно за викендот, во сабота или во недела.
-Да, стапивме во контакт со една од компаниите. Во однос на компанијата што ја предложи Мицкоски за природен гас утре е закажен состанок со генералниот директор, а ќе присуствуваат премиерот Ковачевски, неговиот советник за енергетика и јас. Ќе разговараме за детали. Ако условите и понудата е прифатлива за ЕСМ, тоа треба да го направи ЕСМ со трговец со природен гас, истакна Бектеши.
Од македонска страна, напомена, веќе се пратени количините и потребите, вклучително и потребите на ТЕ-ТО.
-Се работи за компанија регистрирана во Европа. Согласно најавите утре понудата треба да се детализира од страна на компанијата и ќе ја известиме јавноста откога ќе ги завршиме преговорите.Средбата нема да биде во Скопје, туку надвор од Северна Макдонија. Ние во текот на утрешниот ден ќе се вратиме и јавноста ќе биде информирана за понудата и за тоа како течеа преговорите, подвлече Бектеши.
Во однос на разговорите со Србија, тој оцени дека се блиску до договор.