Двете најголеми политички партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, денеска треба да направат нов обид за усогласување на решение за технички министер за внатрешни работи, кој ќе го води овој ресор во пржинската влада со мандат од 100 дена и задача да ги спроведе парламентарните избори на 12 април, договорени на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски.
Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија за оваа функција го предложи Драган Ковачки, меѓутоа ваквиот предлог беше одбиен од страна на владејачкиот СДСМ, од причина што Ковачки е активен воен офицер, а Уставот пропишува дека на чело на МВР може да застане само човек кој најмалку во последните 3 години бил цивил.
Се уште актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој треба да биде технички премиер, рече дека начелно нема забелешки за опозициските предлози за министер за труд и социјала (Рашела Мизрахи) и за дополнителни заменици министри во ресорите финансии, земјоделство и администрација (Гордана Димитриеска – Кочоска, Цветан Трипуновски и Невенка Стаменковска), но тој истакна дека нема да го предложи Ковачки за министер за внатрешни работи, бидејќи, според него, станува збор за противуставно решение.
Наспроти ваквиот став од власта, од ДПМНЕ истакнуваат дека денеска ќе направат уште еден обид да помине нивниот предлог за МВР, но нема информации дали доколку овој обид помине неуспешно ќе предложат нов кадар, или, пак, ќе останат на првичното решение, што остава простор за одложување на изборите и политичка криза.
Инаку, концептот техничка или пржинска влада беше воведен по кризата која настана, откако премиерот Зоран Заев, а тогаш лидер на опозицијата во 2015 година почна со објавувањето на „бомбите“, по што следеа предвремени избори. Техничка влада се формира сто дена пред избори, а премирот Заев најави дека на 3 јануари ќе поднесе оставка од премиерската функција.
Според процедурата, Парламентот ја констатира оставката и со тоа паѓа целата влада, а потоа претседателот Стево Пендаровски треба да му даде мандат на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој потоа треба да ја предложи новата влада, а Парламентот да ја изгласа и тој владин состав ќе управува со земјава во перидот до изборите и формирање на новата влада.
СДСМ минатата недела ги соопшти дополнителен заменик-министер во МВР ќе биде Славјанка Петровска, шеф на кабинетот на Спасовски, додека дополнителен заменик-министер во Министерството за труд ќе биде Санела Шкријељ, исто така актуелен шеф на кабинетот на министерката Мила Царовска, која ќе стане вицепремиер за економски прашања на местото на Кочо Анѓушев.