Ако во груевизмот мислевме дека судството го допрело дното, сега откривме дека и дното имало дно!

by fokus

Пишува: Валентина Вурмо

Според последната одлука на Врховниот суд, или да бидам попрецизна, начелно правно мислење, СЈО смеело да поднесува обвиненија само за истрагите што ќе ги заврши во рок од 18 месеци, сметано од денот кога ги добиле „бомбите“. Ова толкување и досега не беше спорно, бидејќи тоа јасно и прецизно го регулира член 22 од Законот за СЈО, за кој, пак, и Никола Груевски и Зоран Заев си подале рака. Па, затоа ако некој сака да бара виновници дека рокот бил премногу краток, нека гледа во нив двајца!

Она што всушност е спорно, е што врховните судии, толкувајќи го овој член, пресекоа и дека СЈО само во овој период смеело да презема предмети од редовното обвинителство, а не, што би рекол Јово Вангеловски, кога ќе им текне, па од тој ден да им течат 18-те месеци. Или накратко кажано, СЈО е ненадлежно за десетина истраги и уште повеќе предистраги, во кои мета се големите риби, тргнувајќи од Сашо Мијалков, Орце Камчев, па сѐ до Али Ахмети и други политичари, кои мора да се спасат поради некакво потребно мнозинство.

Ваквата одлука не може поинаку да се протолкува, освен како обид да му се стави клуч на СЈО, а како главен виновник се посочува Вангеловски, како претседател на судот. Сепак не треба да се заборави дека клучот со него го држат уште 14 врховни судии, кои исто така кренале рака, а само двајца се спротивставиле.

Иако убедливото мнозинство наведува дека најверојатно одлуката на судиите е исправна, сепак постои оправдан сомнеж дека тие не биле надлежни да му ја скројат судбината на обвинителството на Катица Јанева. Автентично толкување на закон врши само Собранието, и никој друг! Врховниот суд може да решава, но доколку постоеше различна судска пракса. Такво нешто во случајот нема.

Но, она што можеби е најзначајно е што до неодамна ваква иницијатива до Врховниот суд не можеле да поднесат адвокати, туку само судии. Патот поплочен со којзнае какви намери, се отворил минатата година и тоа со законски измени предложени од владата на Заев!?

Сума сумарум, големата слика покажува дека ваквата состојба, СЈО на колена, им одговара на сите политичари, без разлика дали се од опозицијата или од власта, па затоа и сомнежот дека сите вмешале прсти. Ниту еден функционер не сака силно и независно обвинителство зашто еден ден ќе затропаат и на неговата врата.

Сега сите сме во исчекување како ќе се разврзе „правната“ драмолетка, бидејќи мислењето на Врховниот суд не е обврзувачки за судиите од прв и втор степен, но е „Очен наш“ за советите од тамошниот суд.

Вангеловски, образложувајќи ја одлуката, вели дека ова не е крај за преземените предмети, туку до правдата ќе се стигне така што предметите ќе се вратат во редовното обвинителство.

Хм, прво нешто што ми паѓа на ум е дека да беа способни овие обвинители, со чест на исклучоци, предметите немаше да одат во СЈО! Од друга страна, пак, не е исто да ѝ го одземете предметот „Империја“ на обвинителката Лиле Стефанова, која веќе со месеци го гради, и да ѝ го дадете, на пример, на обвинителката што го прашуваше Заев на обвинителна клупа дали додека бил градоначалник имало некој што се пожалил на неговата работа, наместо да го праша за еврото! Да, не е за верување, но има и такви таленти.

На крајот, она што најсликовито ни покажува дека немаме правна држава, е фактот што сите се чудат кој е надлежен да ја оспори одлуката на Врховниот суд и да им каже на судиите дека тие не се надлежни да толкуваат закони. Како што нема и кој црно на бело да ја прогласи за незаконита аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов. А, ако нема пусулче дека се незаконити, тогаш се и на правна сила. Појасно здравје.

До неодамна сите се правдаа дека законите ни се добри, но дека нема кој да ги спроведува, но праксата покажува дека тоа не е точно. Имаме недоречени закони, кои секој ги толкува како што сака. Па, затоа да не се чудиме, кога наместо да ги видиме криминалците зад решетки, ние ќе им плаќаме обесштетување!

Ако во времето на груевизмот мислевме дека судството го допрело дното, сега откривме дека и дното имало дно! Претходно сликата беше јасна, дека едноставно нема правда, а сега под превезот на правното владеење, брутално ја обесивме Јустиција.

Поврзани новости