Во Кочани денеска се одржа деветтиот „Марш на ангелите“ во чест на загинатите и повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“. Револтираните родители на жртвите побараа оставки од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи ги институциите за недостаток на правда.
Една од мајките на загинатите се обрати до властите, велејќи дека ветувањата за правда не се исполнети.
„Ни велевте да се стрпиме уште некој месец и ќе ги видиме ефектите од сработеното. Видовме едно големо ништо. Дури и оние кои ги уапсивте ги ослободивте за неколку недели и денес се со своите семејства, за разлика од нашите деца кои не можеме никогаш веќе да ги видиме. Нема да нѐ поколебаат коментарите на вашите ботови на социјалните мрежи. Нема да нѐ поколебаат заканите затоа што повеќе немаме што да загубиме. Кажете што ви згрешија нашите деца, зошто плукате по нив? Ако ви е далеку Кочани и не нè слушате, наредниот пат ќе дојдеме ние во Скопје“, порача таа.