Ако утврди кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе отвори постапка за спорниот статус на Шкодране Дардишта од ДУИ, во којшто се закани со војна откако беше објавено дека е формирано ново парламентарно мнозинство во коешто нема да биде дел нејзината партија.
-Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе ги испита сите околности во врска со објавата. Доколку бидат утврдени елементи на кривично дело кое се гони по службена должност, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите надлежности, велат од Обвинителството за Фокус.
На Фејсбук профилот на Дардишта, веќе го нема статусот на којшто пишуваше „Се уште ги имаме чизмите на таван во старата куќа, за час ги вадиме белите патики. Ние не сме сираци, ние сме никнале после војна. Не играјте со оган, затоа што на крај сами ќе изгорите во него“.
Лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев го искоментира статусот „Мене за „стрелањето“ одма ме викнаа у ОЈО. Шкодрана од ДУИ за „војнава“ – јок!?
p.s. По падов на Режимов, прва метла ќе заигра у Обвинителството“, напиша Апасиев.
Неодамна ОЈО отвори предмет за статусот на Апасиев што го објави по влегување во Собранието и кој гласаше: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“.
Членот 318 од Кривичниот законик предвидува дека тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија, јавно или со ширење списи повикува или поттикнува на непосредно извршување или го поддржува извршувањето на делата од членовите 307 до 317, ќе се казни со затвор од три месеци до пет. Делата од овие членови се загрозување на територијалната целина, загрозување на независноста, вооружен бунт…
Дардишта беше директорка на Заеднички служби на Клинички центар, а сега е член на Одборот на директори на Телеком од каде се оградија од нејзиниот статус и побараа реакција од Владата.
-Македонски Телеком се оградува од приватниот став на г-ѓа Шкодране Дардишта изнесен на социјалната мрежа Фејсбук.Го осудуваме ваквиот личен став и наскоро очекуваме реакција од Владата, која ја постави г-ѓа Дардишта како независен член на Одборот на директори на Македонски Телеком, се вели во соопштението.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја осуди изјавата на Дардишта и кажа дека таквите изјави не се во интерес на партијата и на каузата. Од Владата досега нема реакција.
Ф.Ф.С.