Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека мерката за замрзнување на цените ќе се пролонгира доколку трговците и производителите после 31ви мај, до кога ќе биде мерката на сила, ги вратат старите цени на лебот, млечните производи, тестенините и.т.н
-Поминавме низ пандемија, низ криза, а во одредени сектори во време на најголема криза фирмите имаат повеќе од 20 отсто приходи од тоа што го имале претходните години. Очигледно државата мора да стави рака. Мерките за замрзнување се времени одлуки, но ако по 31ви мак се вратат старите цени, тогаш мерката ќе продолжи – рече Бектеши во Топ тема.
Како што рече министерот, анализите изминативе месеци покажале дека иако фирмите во млечната индустрија имале можност да ги намалат цените до 20 отсто, никој не ја намалил цената над 10 отсто.
-Ние направивме голема теренска акција преку Државниот пазарен инспекторат. Над 90 отсто од производителите, трговци на големо и мало овие производи ги продаваа со точно 10 отсто трговска маржа, ниеден од нив не намали од просторот што сме го дале од 20 да намали 15 или 14. Има општествено одговорни компании, но оние што покриваат поголем дел од пазарот не сакаат да отстапат од планираните добивки кои ги направиле минатата година – додаде министерот.