Ако треба, ќе ги замрзнеме цените, вели Битиќи

by Fokus

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска  најави дека ако е потребно ќе ги замрзнат цените на одредени производи, како и дека ќе креираат мерки за помош на најранливите категории граѓани и по март следната година кога истекуваат постојните.

– Иако се залагам за целосно либерализирана пазарна економија, ако е потребно ќе ги замрзнеме цените бидејќи граѓани заслужуваат да се однесуваме етички во овие моменти солидарно кон заедничкото  справување со кризата, рече Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемувањата на цените на храната и на електричната енергија.

Вицепремиерот истакна дека тоа што се обиделе да ги намалат сите импути кои дефинираат цена на краен производ во прехранбениот сектор и во енергетиката, веќе ги дава резултатите.

– Веќе се даваат првите резултати на враќање на одредено ниво на цени на основните прехранбени производи. Лично не сум задоволен од брзината на која реагираат сите, сметам дека можеа солидарно побргу тоа да го направат зашто во криза сите се погодени и сметам дека затоа целосно поддржувам воведување нов данок за екстра добивка бидејќи тоа е еден начин како кон одредени структури треба соодветно да се однесуваме. И наредната година ќе биде период на криза, рече Битиќи на прес-конференција во Владата.

Поврзани новости