Ако си се сакаат, нека си се земат. ЛДП на таква свадба нема да присуствува, напиша лидерот на ЛДП, Горан Милевски за предлогот на премиерот Зоран Заев за заедничка Влада со опозицијата.
Премиерот Зоран Заев вчера ја отвори можноста за формирање заедничка влада со опозицијата, и притоа како дел од причините ги наведе надминувањето на поделеноста во општеството, департизација на администрацијата, чистење на правосудството од клиентелизмот…За ова, рече, очекува поддршка и од сите органи и тела на партијата, но и од коалициските партнери во власта.
Опозицијата овој чин го гледа како несигурност на Заев во парламентарното мнозинство, но најавија дека прифаќаат да се разгледува експертска влада, ако ја предводи непартиска личност, до предвремени парламентарни избори што би се одржале со локалните. За ВМРО-ДПМНЕ барањето на Заев е само обид тој да спаси од одговорност. -Ако неговиот предлог е бегство од одговорност, тогаш треба да знае дека пактови со криминалци ВМРО-ДПМНЕ не прави и нема да има, велат од партијата.
Од коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ велат дека опозицијата треба да биде коректив на власта и секоја една демократска земја мора и треба да има опозиција.