Доколку Северна Македонија продолжи со оваа политика, која е директно спротивна на меѓународните договори, тогаш грчката страна ги има оние средства за да може да изврши уште поголем притисок, средства што се и билатерални и мултилатерални на ниво на меѓународните организации, рече грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ.
Тој повтори дека Договорот од Преспа е ратификуван од двата парламенти, со што носи законски обврски „кои не може да се променат од ниедна од двете земји“.
– Секако самиот Договор од Преспа јасно кажува дека прашањето за името, односно името на Северна Македонија не може да се смени ниту со договор од страните. Станува збор за одредба која останува засекогаш. Во овој момент има јасно прекршување од страна на политичкиот и државниот врв.
Не е законски поткрепено тврдењето дека кој било политички или државен лидер може вон формалната рамка да употребува друго име за неговата земја, бидејќи тоа во реалноста би претставувало директно прекршување. Не може претседателот или премиерот на една земја, кога е во јавен настап да се повикува на приватна автономија, додаде шефот на грчката дипломатија.
Герапетритис рече дека ги информирал сите партнери и меѓународни организации и дека постои сериозна загриженост од страна на сите за ставот на Северна Македонија.