Ако се држиме до преговарачката рамка, нема да има други барања, вели Ковачевски

by Fokus

Доколку се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било бидејќи сè е наведено во тој документ, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Неговата изјава следи по изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) изјави дека Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања.

Според Ковачевски, изјавата на шефот на дипломатијата е многу јасна и не се разликува од неговите изјави во минатото ниту, пак, се разликува од другите изјави на оваа тема.

Тој додаде дека скринингот се одвива во Брисел, а не во некој друг град и поради тоа е потребно фокусот да се стави на исполнување на она што е во Преговарачката рамка.

„И затоа, ако се придржуваме до Преговарачката рамка, тогаш и нема потреба да се размислува за какви било дополнителни барања од кој било. Нормално дека ние имаме и билатерален договор со Бугарија, исто како што имаме и билатерален договор со Грција, кој што се реализира на билатерално ниво и се наоѓа во општите одредби на документите со ЕУ, не во посебните ‘бенчмаркови’ и во критериумите во коишто се оценува напредокот на државата, согласно копенхашките критериуми“, наведе Ковачевски.

Тој нагласи дека без консензус не може да биде донесено ниту едно решение.

Поврзани новости