Ако сакате да го размножувате своето куче ќе мора да се регистрирате

Се подготвуваат измени на Законот за благосостојба на животните

by fokus

Подготвени се предлог-измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните со кои се предвидува воспоставување систем за контрола на размножувањето на кучињата токму преку регистрација на одгледувачници и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со ова, оние кои чуваат куче како домашно милиниче, нема да смеат да го размножуваат, освен ако не се регистрираат како одгледувачница, за што ќе треба да се обезбедат посебни услови или како сопственик на репродуктивна единка.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Фокус“ велат дека условите за регистрирање на одгледувачници за кучиња се уште не се пропишани. Тоа ќе се направи со правилник кој ќе се донесе во рок од 6 месеци од стапување на сила на Законот за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните.

Секој оној кој ќе чува репродуктивно способно куче ќе мора да биде регистриран или како регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден и повеќе репродуктивно способни мажјаци) или одгледувачница за кучиња и одгледувачница за кучиња со родовник.

Сопствениците на кучиња ќе бидат одговорни за тоа да не дојде до неконтролирано размножување. Поради тоа, кога нивното куче ќе стане репродуктивно способно, проценка која треба да ја направи ветеринар, кучето ќе треба да биде стерилизирано.

Прекршочните одредби за прекршување на правилата за размножување на кучиња се пропишани во предлог Законот за измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните. Тие се поделени на глоби за правни лица и глоби за физички:

– Глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност за микро трговци, од 300 до 400 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 400 до 500 евра во денарска противвредност за средни трговци, од 500 до 600 евра во денарска противвредност за големи трговци, ќе му се изрече за прекршок на правно лице

– Глоба во износ од 30 евра во денарска противвредност ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице – микро трговци, од 40 евра во денарска противвредност и на одговорното лице во правното лице – мали трговци, од 50 евра во денарска противвредност и на одговорното лице во правното лице – средни трговци, од 60 евра во денарска противвредност и на одговорното лице во правното лице

– Глоба во износ од 80 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека не можат да кажат кога овие законски измени ќе бидат донесни, бидејќи тоа зависи од Секретаријатот за законодавство при Владата и Парламентот.

К.С.Б.

Поврзани новости