Шефот на воената разузнавачка служба на Украина, Кирил Буданов рече дека Русија сака да ја добие војната против Украина до крајот на 2025 година или почетокот на 2026 година, бидејќи од летото 2025 година па натаму ќе се соочи со сериозни економски проблеми и ќе мора да мобилизира повеќе луѓе.
Буданов ова го изјави на конференција одржана неодамна во Киев, како што јави украинската новинска агенција Интерфакс.
„2025 година, крајот на 2025 година и почетокот на 2026 година е клучно време за Русите. Тие сакаат да ја завршат војната дотогаш. Затоа што според нивните сопствени пресметки, освен ако не излезат од оваа војна на начин што може да се смета победнички, долгорочно гледано, во следните 30 години Руската Федерација ќе го загуби статусот на суперсила кон која се стреми“ вели тој.
Според Буданов, Русија предвидува дека „на летото 2025 година ќе започнат сериозни проблеми“, бидејќи тогаш ќе се здружат финансиските и економските фактори и општествено-политичките фактори.
„Тие предвидуваат дека негативното влијание врз нивната економија ќе почне да биде многу забележливо околу летото 2025 година“, рече тој.
Буданов вели и дека во Русија се почесто се поставува прашањето за мобилизација.
„Во текот на летото следната година тие ќе се соочат со дилема: или да објават мобилизација или некако да го намалат интензитетот на непријателствата, што на крајот може да биде критично за нив“, рече тој.
Шефот на разузнавачката служба додаде дека на јавното расположение во Русија влијаеле и напорите на Украина да ги префрли борбите длабоко на руска територија.
Повикувајќи се на руски документи, Буданов истакна дека ако Русија не победи, до крајот на 2025 година во светот ќе останат само две велесили – САД и Кина, а за Русија нема да има место.
„Тие се свесни за тоа. Ова е клучен период за нив. Затоа ќе направат се за да победат – како што знаат. Во спротивно, ќе се откажат од апсолутно сите глобални процеси. Сè на што можат да сметаат е регионално лидерство, и тие не се задоволни со тоа“, рече тој.