Ако референдумот биде успешен и мнозинството гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна и ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе го почитува, рече вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски на вечерашната дебатна емисија на ТВ 21.
– Ако референдумот е успешен и ако мнозинството граѓани се изјаснат „за“ дека го поддржуваат сето ова, тогаш ситуацијата е јасна, односно, ако бидат исполнети двата услова, првиот да има цензус и мнозинството да гласа во насока на поддршка на референдумското прашање, ситуацијата е јасна. Партијата ќе донесе свој став, но во таков случај и за нас и за целата македонска политичка јавност е јасно дека референдумот ќе биде успешен ако бидат исполенти овие два услова и тука нема дилема, рече Мицкоски прашан дали ако референдумот биде успешен ќе им каже на пратениците од партијата да ги поддржат уставните измени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да дозволи промена на уставното име, Мицкоски рече дека партијата се уште го застапува тој став, но ако има успешен референдумски процес и мнозинството граѓани се изјаснат во насока на поддршка на Договорот во кој е предвидено, меѓу другото и тоа, ќе ја почитува таквата одлука.
Во однос на референдумот го повтори партискиот став дека секој треба самостојно да одлучи.
Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ е за интеграција во ЕУ и НАТО, но е против Договорот за името со Грција.