Според досегашниот Закон за пратеници е предвидено дека народните избраници имаат право на надомест на закуп за стан, а со одлука од пред две години е предвидено право на ваков надомест да има пратеникот кој нема во сопственост или под закуп стан или куќа во површина од најмалку 80 метри квадратни во Скопје.
Во анализата на Антикорупциска се реагира дека оваа околност треба дополнително да се регулира.
-Не е јасно на кој начин е утврден дека помалата површина од 80 м2 е услов за да може пратеникот да оствари правото за стан под закуп, и дали тоа значи дека ако има два стана до 75м2, пратеникот може да користи стан под закуп? Исто така со одлуката не е утврдено правото на максимална квадратура за изнајмување, а во зависност од тоа дали пратеникот живее сам или со семејство. Од договорите за закуп кои ни беа доставени видно е дека за различна квадратура се плаќа ист износ. Не е правена анализа на место локацијата, се вели во анализата на Антикорупциска.
Па затоа во продолжение велат дека предлагаат натамошно регулирање на оваа проблематика.
-За намалување на патните трошоци на пратениците, наменско и законско користење на буџетските средства, спречување на злоупотреби, како и за поефикасно вршење на функцијата пратеник во Собранието на Северна Република Македонија, Државната комисија за спречување на корупција, предлага натамошно регулирање на оваа проблематика во смисла на:
- Консолидирање на законската и под законската регулатива
- Утврдување на прецизни критериуми за користење на правата на надоместоци на пратениците по сите основи.
- Да се донесе Методологија за утврдување на правото и вид на надоместоци за пратениците по сите основи.
Исто така се укажува на потребата од разграничување на правата на пратениците од правата на останатите избрани и именувани лица, за кои исто така треба да се утврдат прецизни критериуми за нивното користење, велат од Државната комисија за спречување на корупција.