Венко Филипче денеска упати ново сериозно обвинување дека прави купишта нови долгови за државата без воопшто да ја информира јавноста за тоа . На денешниот прес во Парламентот тој ги праша премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриевска – Кочоска да одговорат, дали навистина Владата усвоила потреба од ново задолжување од 1,3 милијарди евра .
„Според нашите информации, на вчерашната седница на Влада е усвоена потреба за ново задолжување на земјата. И тоа, замислете, сумата е од 1,3 милијарда евра. Значи Владата повторно ја задолжува земјата, граѓаните, со нови 1,3 милијарда евра. Пари дополнително на оние 2,5 милијарди евра, со кои што го зголемија долгот на државата во изминатите две години. Пари кои што ќе ги враќаме сите ние, зашто поради нивните лоши економски политики“, рече Филипче.
Тој посочи дека новото задолжување доаѓа во време кога граѓаните се соочуваат со сè потежок животен стандард, а компаниите чекаат огромни средства за поврат на ДДВ.
„Над 200 милиони евра е долгот за поврат на ДДВ. А Владата нè задолжува со нови, внимавајте, 1,3 милијарда евра. Со овие пари четири милијарди евра ќе биде вкупното ново задолжување откако е на власт ВМРО-ДПМНЕ“, потенцираше лидерот на социјалдемократите.
З.Ф. – О.К.