Откако претседателот на државата му го додели мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ и официјално премина во опозиција. Губењето на власта не помина без незадоволство кај дел од членството на партијата, а тоа најмногу дојде до израз кога партискиот претседател Никола Груевски и самата партија се оградија и ги осудија насилниците кои тепаа пратеници во Собранието. Тогаш членови на ВМРО-ДПМНЕ по социјалните мрежи коментираа дека сегашното раководство на партијата е предавничко и негодуваа зошто партијата ги пуштила „низ вода“.
Кој може да потегне смена на Груевски од чело на партијата?
Очигледно е дека има одредено незадоволство од раководството на партијата, но дали тоа може да доведе до промена на лидерот Никола Груевски? Тој во изминатите 11 години додека ја имаше извршната власт во државата, беше неприкосновен и на чело на партијата. Но, важеше за лидер кој владее со притисоци, уцени и заплашувања. А, губењето на власта може да биде психолошка пресвртница кај сите граѓани, но и партиски членови кои досега чувствувале некаков притисок.
Иако пред неколку недели се појавија шпекулации во јавноста дека Никола Груевски планира да се повлече од чело на партијата, сепак тие, засега, се покажуваат како неточни. Но, негова смена може да потегнат и партиските тела.
Според Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, избор на претседател на партијата е во надлежност на Конгресот. Редовниот Конгрес се одржува на четири години, а може да биде свикан и вонреден Конгрес. За свикување вонреден Конгрес потребно е половина од членовите на Централниот комитет тоа да го побараат.
Кои се членови на Централниот комитет?
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го сочинуваат: претседателот, потпретседателите и генералниот секретар на партијата, претседателот на Градскиот комитет-Скопје, девет од членовите на Извршниот комитет на УМС, седум од членовите на Извршниот комитет на Унијата на жени, тројца претставници на задграничните комитети, двајца претставници на Унијата на ветерани, координаторот на пратеничката група, како и претседателите и претставници на Општинските комитети. Всушност, најбројни во Ценралниот комитет се претставниците на Општинските комитети. Тоа значи дека доколку кај нив има расположение за свикување на вонреден Конгрес на кој ќе се побара смена на Груевски, таков Конгрес може да се одржи.
Досега, партискиот врв имаше целосна контрола врз партиските тела. Во наредниот период останува да видиме дали со губењето на власта, раководството ќе ја загуби контролата и врз членовите на партиските органи.
„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котески, со цел да добиеме одговор дали во партијата има некакви случувања кои наговестуваат барање за вонреден Конгрес за смена на Груевски, но до објавување на текстот, тој не одговори на нашите повици и СМС пораки.
Катерина Смилева