Лара Иванова (18) е помеѓу шесте избрани кандидати кои се во игра да ја претставуваат Македонија на Евровизија 2022. Таа е надежна пејачка од новата генерација на нашата естрада, омилена помеѓу тинејџерите, со ветувачка кариера.
Песната со која се натпреварува да стане наш евровизиски претставник е насловена „Flower of Sorrow“, и таа ја отпеа на англиски јазик, што е случај и со останатите кандидати.
Вчера пак, беше објавена и македонската верзија ,,Цвеќе на тагата” и песната за еден ден има над 46 илјади прегледи. Коментарите под видеото се со јасна порака, на голем дел од слушателите многу повеќе им се допаднала македонската верзија на песната, па и порачуваат на Лара доколку победи, да пее на македонски јазик на настанот во Италија.
-Ова е магично! Песната звучи многу помоќно отпеана на македонски јазик! Те молиме да пееш на твојот јазик, пишуваат слушатели и од други земји.
По промоцијата на песните избрани на конкурсот, имаше низа на реакции зошто сите се на англиски јазик, бидејќи Евровизија е настан на кој се претставува една земја, и пеењето на мајчин јазик е нешто кое треба да се практикува, со цел подобро да и се долови на публиката културата и историјата на таа земја. Преку различни јазици, а со музика, да се сплотат различни култури, затоа и секој би требало да пее на својот јазик, често се коментира.
Од МРТ нема официјален став околу јазикот на кој се отпеани песните кои се натпреваруваат за Евровизија, ниту пак најава дали евентуално би можело да има измени на самиот настан и сепак да се пее на македонски јазик.
Според учесниците на Евровизија, кои се одлучиле да пеат на англиски јазик, тоа најчесто го сториле бидејќи англискиот е јазик кој го разбира речиси целиот свет, но и многу од нив, во надеж за интернационална кариера, верувале дека токму пеење на англиски ќе им биде од помош.
Последен пат на Евровизија победи песна која не беше отпеана на англиски јазик во 2017 година, а стануваше збор за португалскиот претставник Салвадор Собрал. Пред тоа, во 2007 година, Марија Шерифовиќ и донесе победа на Србија со ,,Молитва” која ја отпеа на мајчин јазик.
Вики Клинчарова